Мени

Бислимска клисура била регионален центар во доцната антика, покажаа најновите археолошки истражувања

28.01.2026 15:36 | KumanovoNews

Најновите археолошки истражувања на локалитетот Градиште, во село Пчиња, покажале дека Бислимска клисура била регионален центар во кумановската област во доцната антика.

Бислимска клисура била регионален центар во доцната антика, покажаа најновите археолошки истражувања

Кумановските археолози, кои работеле на ископувања на ранохристијанската црква на овој локалитет, дошле до извонредни сознанија што ги потврдиле нивните поранешни претпоставки.

„Новооткриените елементи на црквата – нартекс, анекс и амвон – покажуваат дека воопшто не се работи за мала градба во мала населба. Напротив, развиената архитектура зборува за потреба од развиен литургиски чин, на кој присуствувал поголем број луѓе. Сето ова укажува дека тврдината во Бислимска клисура претставувала развиена населба со подолг временски период на живеење, своевиден регионален центар во кумановската област во периодот на доцната антика“, вели Дејан Ѓорѓиевски, раководител на истражувањата.

Истражувањата на Одделението за археологија при НУ Музеј Куманово траеле речиси два месеци, откако претходно биле направени детални подготовки, анализи на снимките со ЛИДАР и ГПР, како и анализа на теренската состојба и прецизно поставување на сондите за ископување.

„Сите анализи укажуваа на добро сочуван краен, односно западен ѕид на црквата и на можно постоење анекс од јужната страна, а поставивме и сонда во внатрешноста на црквата. Сондите ги потврдија нашите очекувања – црквата била долга 20 метри, широка 10,5 метри, а на западната страна имала и нартекс, откриен оваа година, со димензии 10,5 на 3,4 метри. Западниот ѕид на нартексот е сочуван во висина од 1,7 метри. Во нартексот се влегувало од јужната страна, преку посебна просторија – анекс, кој го откривме на крајот од ископувањата. За него засега не ја знаеме точната функција и големина и ќе биде предмет на истражување во наредните години. Во централниот дел на црквата, покрај северниот стилобат, откривме поголем фрагмент од декориран камен со благо закривување, кој најверојатно го претставува горниот дел од амвонот – издигнато место за проповед за свештеникот, до кое се стигнувало по скали. И неговата точна локација ќе биде предмет на понатамошни истражувања“, додава Ѓорѓиевски.

Со ова целосно се завршени археолошките ископувања на ранохристијанската црква на локалитетот Градиште во Пчиња.

Ископувањата биле целосно финансирани од Министерството за култура и туризам.

(фото С. Анчевски)