Домаќинствата можат да аплицираат за 25.000 денари субвенции за приклучок на гас
Објавен е јавен повик за субвенционирање на домаќинства за приклучок на гасоводната мрежа на територијата на Општина Куманово. Износот што ќе се покрива изнесува 25.000 денари.
Право на учество на овој јавен повик имаат жителите на Општина Куманово кои имаат склучено договор за приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа и поседуваат решение за приклучување издадено од ЈП „Куманово гас“.
„Општина Куманово, со цел да ги стимулира граѓаните за користење гас за затоплување на своите домови, со што се намалува загадувањето на воздухот и почвата и се влијае позитивно врз климатските промени, ќе обезбеди поврат на дел од средствата потрошени за приклучна такса кон гасификационата мрежа. Повратот се однесува на приклучоци реализирани по денот на објавување на јавниот повик, до исцрпување на буџетот наменет за оваа намена, но не подоцна од 30.11.2026 година“, информираат од Општина Куманово.
Услов за учество во јавниот повик е корисникот да нема искористено субвенција за истата намена од било кој извор во Македонија.
Барањето може да се подигне во архивата на Општина Куманово или да се преземе од официјалната веб-страница: www.kumanovo.gov.mk.
Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редоследот на пристигнати пријави, до исцрпување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 300.000 денари, но не подоцна од 30 ноември 2026 година.