Дождот го изгасна пожарот на „Краста“, но проблемот останува нерешен, вели Ристовски
Претседателот на Општинската организација на СДСМ Куманово, Дарко Ристовски, денеска на прес-конференција кажа дека и покрај тоа што дождот го изгаснал пожарот и привремено ја подобрил состојбата на терен, проблемот со депонијата „Краста“ останува нерешен.
„Пожарите и загадувањето со години го загрозуваат здравјето на граѓаните на Куманово и околните населени места. Затоа денес не зборуваме за временските услови, туку за одговорноста и обврската институциите конечно да понудат трајно решение. Димитриевски повеќе од една деценија е дел од локалната власт – како советник, претседател на Советот и градоначалник. Граѓаните имаат право да знаат што е направено во тој период за решавање на проблемот со депонијата „Краста“, изјави Ристовски.
Тој смета дека дополнително загрижува фактот што во ревизорскиот извештај за проектот за регионална депонија во Свети Николе стои дека, поради доцнењето во реализацијата, ќе бидат потребни дополнителни средства од државата за негово завршување.
„Средствата од државата се средства на граѓаните. Додека првично финансирањето било предвидено со 85 проценти средства од европските фондови и 15 проценти учество од државата, односно граѓаните, сега соодносот е значително променет. Наместо најголемиот дел од средствата да бидат обезбедени од Европската Унија, товарот ќе падне врз државниот буџет и граѓаните, со учество од околу 65 проценти, додека европските средства ќе учествуваат со околу 35 проценти“, додаде Ристовски.
Тој оценува дека заштитата на животната средина не смее да зависи од временските услови, туку од конкретни мерки, јасен план и одговорност од институциите.