×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Голем интерес за Саемот на автохтони сорти „Везенка” во Пчиња (видео)

    06.10.2025 13:26 | Сузана Николиќ

    Саемот за заштита на автохтони сорти „Везенка” во селото Пчиња и оваа година собра голем број посетители од Куманово и регионот. 

    Свежи пиперки, патлиџани, зелка, разна зимница од домашно производство, месни производи, мед и разни видови ракија беа само дел од богатата понуда во која можеа да уживаат граѓаните, во убавиот сончев ден. Манифестацијата се одржа пред Инфо-центарот во селото.

    „Изненадени сме од посетеноста, искрено не се надевавме на толку многу луѓе. Догодина ќе бараме поголем простор. На саемот се вклучија и повеќе мештани. Морам да кажам дека првата година беа скептични, но кога видоа колкав беше одзивот оваа година, со задоволство прифатија да учествуваат. Целта ни е саемот да стане традиционален. Сметам дека треба почесто да се организираат вакви настани, бидејќи на тој начин се подига јавната свест за старите семиња,“ изјави Стојан Стојковски, претседател на здружението „Еко Пчиња“, еден од организаторите.

    Пчинската автохтона „везенка“, розевиот и јабучар патлиџан се производи со кои се гордеат пчињани. За нивна популаризација, организаторите им овозможија на посетителите да нарачаат расад за пролетната сезона и да ги засадат во своите дворови.

    „Целта ни е луѓето кои се враќаат во селата, во своите бавчи да ги насадат овие сорти и така да го одржуваме семето во живот — да не купуваат хибриди, туку да земат бесплатно расад од нашите сорти,“ додаде Стојковски.

    Оваа година на саемот учествуваа 22 излагачи од Радовиш, Берово, Љубојно, Ресен и Куманово, а најголем дел од Пчиња. Организаторите се задоволни од одзивот, особено со оглед на тоа што временските услови делумно го пореметија планот. За наредната година најавуваат дека ќе ја прошират манифестацијата и ќе побараат поголем простор за да одговорат на интересот на сите заинтересирани.

    Пет жени од тимот на „Везенка“ од Пчиња, заедно со членките на здружението „Ајде да шириме љубов“ (“Let’s Spread Love”), приготвија ајвар, а средствата од продажбата ќе бидат искористени за хуманитарни цели – за помош на ранливи категории граѓани.

    „Најголем интерес имаше за домашниот ајвар, а одлично поминаа и нашите тестенини, баници и зелници. За еден час продадовме над 100 тегли ајвар. Организацијата е одлична и има голем интерес од граѓаните. Презадоволна сум,“ вели Станка Голубовска од Пчиња, една од волонтерките која го приготвуваше ајварот.

    Саемот за заштита на автохтони сорти „Везенка” по вторпат го организираше Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

    Голем интерес за Саемот на автохтони сорти „Везенка” во Пчиња (видео)