Градоначалникот Митовски да не се иззема од одговорност за говедата, велат од АХВ
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро реагира на изјавата на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, дека локалната самоуправа нема законска надлежност да постапува во справувањето со проблемот со говедата кои талкаат низ Крива Паланка и предизвикуваат штети на земјоделските површини и во околните села.
„Го потсетуваме Митовски дека е неодговорно кон сопствените граѓани и жителите на паланечките села да се иззема од одговорноста што ја има во овој случај. Согласно Законот за јавна чистота, член 14 став 1 точка 11, контролата на одржувањето на јавните површини, односно чувањето и напасувањето на крупен добиток (вклучително и говеда) на јавни површини, е во надлежност токму на Општината. Доколку сакаше, Митовски досега можеше да го реши проблемот, самостојно или со помош на поранешни функционери, негови сограѓани, кои беа дел од врвот на претходната Влада“, велат од АХВ.
Оттаму додаваат дека говедата не се размножиле во толкав број за година и половина, ниту, пак, можат инстантно да се соберат, особено во услови кога Општината не соработува со Агенцијата, иако е подеднакво одговорна за решавање на проблемот.
„Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски конечно да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата за изнаоѓање трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај. Агенцијата за храна и ветеринарство и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните, во интерес на граѓаните на Општина Крива Паланка“, стои во соопштението.