Мени

Граѓаните заслужуваат одговори за измените на ДУП-от и случајот со „Лидл“, вели Ристовски

13.05.2026 14:00 | KumanovoNews

Претседателот на Општинската организација на СДСМ Куманово, Дарко Ристовски, денеска на прес конференција побара институциите да ги испитаат околностите поврзани со продажбата на земјиштето на компанијата ЛИДЛ, пред да се донесат измените на Деталниот урбанистички план (ДУП), кој во петок ќе се најде пред советниците.

Граѓаните заслужуваат одговори за измените на ДУП-от и случајот со „Лидл“, вели Ристовски

„На дневен ред на Советот на Општина Куманово повторно се наоѓа точката поврзана со „Лидл“ и спорниот ДУП — случај кој подолг период ја бранува јавноста и отвора сериозни сомнежи за нетранспарентност, судир на интереси и можно незаконско влијание во урбанистичките постапки. СДСМ  потсетува дека уште минатата година јавно предупредувавме на сомнителни урбанистички процеси, на можноста од однапред координирани активности и на опасноста приватни интереси да бидат ставени пред интересите на граѓаните на Куманово. Според јавно објавени информации, парцела поврзана со лица блиски до градоначалникот била купена за 250.000 евра, а само неколку дена подоцна препродадена на „Лидл“ за 600.000 евра, при што бил остварен значителен профит. Овие информации отвораат сериозни прашања кои институциите мора темелно да ги испитаат. СДСМ не е против инвестиции и развој. Напротив — секоја нова инвестиција и секое ново работно место се добредојдени за Куманово. Но, граѓаните имаат право да знаат дали сите постапки биле водени законски, транспарентно и во јавен интерес“, кажа Ристовски.

 Тој додаде дека јавноста заслужува одговори и праша кој имал корист од измените на ДУП-от, дали институциите постапувале независно и транспарентно, дали постоела координација при урбанистичките измени, зошто и понатаму нема целосни и јасни одговори за овој случај и зошто интитуциите молчат?

„Ги повикуваме и советниците во Советот на Општина Куманово да носат одлуки исклучиво во интерес на граѓаните и со целосна одговорност пред јавноста. Куманово заслужува транспарентно, чесно и одговорно управување, засновано на законитост и јавен интерес“, заврши Ристовски.