Изложба на појаси во кумановско
Во Уметничка галерија утревечер во 19 часот ќе биде отворена етнолошката изложба насловена како “Појаси во кумановско“ од етнологот Валентина Илиевска.
Изложбата ќе биде амбиентална и во витрини ќе бидат изложени 60 појаси од которска, шопско - пољанска и влашка област.
Појасите се од богатата збирка на народни носии и ткаеници од депото на НУ Музеј Куманово кои грижливо се чуваат. За првпат се прави изложба само со појаси како елемент од облека. Наша цел е да покажеме дека појасот е важен како и сите други елементи од облеката. Сите составни елементи од носијата се важни и со нивна анализа се дознава потеклото на етничките групи, нивната заемна врска и слично - вели авторката на изложбата , кустос етнолог Валентина Илиевска.
Таа објаснува дека појасите ја покажуваат патријархалноста на жените во тој период.
Изложбата ќе ја отвори Милица Пешевска Николовска, советник етнолог во НУ Музеј Куманово.