Мени

Изложба на скулптури „Помеѓу одразите“ на проф. д-р Слободан Милошески

23.04.2026 10:55 | KumanovoNews

Во салонот на Уметничката галерија, утре во 20:00 часот ќе биде отворена изложба на скулптури „Помеѓу одразите“ на проф. д-р Слободан Милошески. 

Изложба на скулптури „Помеѓу одразите“ на проф. д-р Слободан Милошески

Публиката ќе има можност да види продукцијата од 20 скулпторски дела создадени во последните неколку години.

„Скулптурите се изработени од метал, од инокс материјал и навистина ни овозможуваат едно, би кажала, симболично жртвување преку телесното и негово заменување со естетско промислување. Овие скулптури ја пренесуваат публиката преку еден остварен систем на комуникација помеѓу уметничкиот објект и просторот и претставуваат таканаречени „веројатни светови“ кои ја прошируваат границата на свеста и визуелно и психолошки при што се чувствува распнатост помеѓу идејата и реализацијата. Во делата на Милошески се чувствува можноста на лична интерпретација и тој, всушност, информациски и сетилно низ различните форми ни ја пренесува својата визуелна егзалтација и кулминација“, вели Маја Крстевска, виш кустос, во својата критика по повод оваа изложба.

 Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р. Бугарија, на катедра „Скулптура“. 

До сега има реализирано 39 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 18 награди и признанија.

Слободан Милошески работи како професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува деканската функција.