Мени

Изложба „Творештвото на зографите од ХIХ и почетокот на ХХ век во Кумановско“

04.10.2019 07:43 | KumanovoNews

Во Уметничката Галерија во Куманово, вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата  “Творештвото на зографите од ХIХ и почетокот на ХХ век во Кумановско“.

Изложба „Творештвото на зографите од ХIХ и почетокот на ХХ век во Кумановско“

Автор на изложбата е Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметност, при НУ Mузеј – Куманово, додека пак промотор ќе биде Славица Крстиќ, советник историчар на уметност при НУ Mузеј – Куманово.

На изложбата ќе бидат презентирани повеќе од 30 фото колор постери со икони, фрески, царски двери и други елементи.

На овие колор постери ќе биде прикажано творештвото на големиот број македонски зографи од 19 и почетокот на 20 век, кои го изработиле иконописот и фреско живописот, во преку 30- на цркви во Кумановско. Meѓу нив се наоѓа и името на Дичо Зографот од Тресонче, најголемиот мајстор на црковното сликарство на Балканот, Димитар Андонов од Папрадиште, и други познати имиња на зографи во нашата држава . А тука е и првиот зограф од Куманово, Трајко Mуфтински.

Овој  проект, е од областа на историјата на уметност, а е финансиран од Mинистерството за култура на РС Mакедонија за 2019 година.