Казината ќе мора да бидат оддалечени 500 метри од училиштата, одлучи Владата
Казината и обложувалниците ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта, предвидува новиот Предлог-закон за игрите на среќа и забавните игри, кој Владата го утврди и ќе го испрати во собраниска процедура.
Со законските измени се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа – казина, автомат клубови и електронски игри на среќа – да се наоѓаат на најмалку 500 метри од училиштата.
За првпат се воведуваат и строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа.
Се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа. Исто така, нема да бидат дозволени пораки што коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми.
Дополнително, се забранува рекламирање преку познати личности, како и содржини насочени кон малолетници.
Во обложувалниците што се наоѓаат во радиус од 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.
Паралелно со законските измени, институциите веќе преземаат мерки против нелегалното онлајн коцкање.
„Досега се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи кои незаконски приредувале игри на среќа на територијата на државата. Станува збор за платформи кои функционирале без лиценца, без контрола и без никаква заштита за граѓаните“, соопшти Владата.