Мени

Ќе се пошумуваат повеќе локации, приоритет Градскиот парк и кејот на Кумановка

26.11.2026 16:19 | Сузана Николиќ

ЈП „Чистота и Зеленило“ во наредниот период ќе спроведе голема акција за пошумување на повеќе локации во Општина Куманово.

Ќе се пошумуваат повеќе локации, приоритет Градскиот парк и кејот на Кумановка

Според директорот Сашо Томиќ, со акцијата прво ќе бидат опфатени оние површини кои беа уништени во невремето, но ќе се оформат и нови дрвореди покрај улиците и реките.

„Акцијата ќе ја започнеме од Градскиот парк, каде што летоска ни паднаа многу дрвја. Законска обврска ни е на едно паднато дрво да  засадиме најмалку 5 нови. Ние ќе се трудиме да засадиме што повеќе. Приоритет ќе ни биде и Градскиот кеј, Спомен костурницата, месната заедница „Панче Пешев“ покрај реката, на местата каде што се исушија или уништија дрвцата, како и да формираме нови дрвореди“, кажа Томиќ.  

Тој вели дека 80 отсто од садниците од минатата година се зафатени, а останатите ќе ги обноват. Претпријатието има доволни количини на сопствен расад за потребите на пошумувањето.

Во акцијата ќе бидат вклучени и училиштата и невладини организации, како и граѓаните кои сакаат да се приклучат.