Мени

Општините да создадат услови за здрав живот за превенција од болести, порачаа од форумот „Општини за здравје“

26.11.2026 10:22 | KumanovoNews

Здравјето не се создава само во здравствениот систем, тоа се обликува и преку условите во кои луѓето живеат, учат, работат и се движат, беше пораката од националниот форумот „Општини за здравје“, кој промовира систематско вклучување на локалната самоуправа во унапредувањето на здравјето, превенцијата на болестите и благосостојбата на населението. 

Општините да создадат услови за здрав живот за превенција од болести, порачаа од форумот „Општини за здравје“

На панел дискусијата беше кажано дека одлуките на општините во образованието, урбанистичкото планирање, јавните простори, животната средина, социјалната заштита и локалниот развој можат да создадат повеќе можности за здрав живот и да придонесат за намалување на здравствените нееднаквости.

Учесниците, министерот за здравство, Сашо Клековски, како и градоначалниците и претставници на општините Карпош, Битола, Кисела Вода, Крива Паланка и Куманово, ги посочија подрачјата каде што соработката е неопходна.

„Тоа се здравјето на децата и младите, контрола на пушењето, западнонилска треска, обезбедување чиста и питка вода за пиење, и други актуелни теми. Ова е хоризонтална соработка, со повеќе одговорни. Затоа, ни требаат оперативни протоколи. Советите за јавно здравје се местото каде што тоа се вкрстува“, истакна Клековски.


 
Во рамките на форумот беа разгледани практични искуства од општините во унапредувањето на здравјето и менталната благосостојба во училиштата, како и во превенцијата на употребата на тутун и поддршката за откажување од пушење. Дискусиите се фокусираа на тоа како општините, центрите за јавно здравје, примарната здравствена заштита, училиштата, социјалните служби и заедниците можат да работат заедно за утврдување локални приоритети, планирање активности и следење на резултатите.

Инвестирањето во здравјето и благосостојбата е истовремено вложување во локалниот развој. Превенцијата на болестите, поддршката за здрави животни избори и средини, како и намалувањето на нееднаквостите, можат да придонесат за поотпорни, посоцијално поврзани и поодржливи заедници.

„Општини за здравје“ е замислена како национална платформа за размена на знаење, меѓусебно учење и градење партнерства. Во текот на следната година се предвидени уште два форума, со цел да се продолжи дијалогот, да се поддржат локално приспособени активности и да се прошири примената на успешни искуства во други општини.