Мени

Ќе се прошири Б-зоната на „Октомвриска“, ќе се гради нов паркинг зад „Стокомак“

20.05.2026 12:34 | Сузана Николиќ

Во текот на наредниот месец се очекува да биде воведена Б-зоната за паркирање, која ќе го опфати булеварот „Октомвриска револуција“, на потегот од „Водовод“ до „Техномаркет“.

 

Ќе се прошири Б-зоната на „Октомвриска“, ќе се гради нов паркинг зад „Стокомак“

Од ЈП „Куманово-паркинг“ го доставиле проектот до Општина Куманово, а по добивањето на потребните одобренија ќе започне неговата имплементација.

„Можам да најавам дека проектот за Б-зоната е ревидиран и завршен. Во текот на денот ќе биде доставен до Општина Куманово, која потоа ќе го проследи до СВР Куманово. Откако ќе добиеме одобрение од СВР, се надевам дека до средината на наредниот месец ќе започне исцртувањето и реализацијата на проектот“, изјави директорот Андреја Маџовски на последната седница на Советот на Општина Куманово.

Со ребалансот на буџетот е предвидена и изградба на нов паркинг зад „Стокомак“, за што се планирани 2 милиони денари.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, исто така најави дека наскоро ќе се прошири Б-зоната и потсети дека, како што ветил во предизборната кампања, граѓаните што живеат на тие адреси ќе имаат бесплатен паркинг, додека останатите ќе плаќаат според важечкиот ценовник.

Во моментов се расчистува и локалитетот Табакана, каде што е планирана изградба на нов паркинг и сквер.

Исцртувањето на втората зона на булеварот „Октомвриска револуција“ беше актуелно и пред четири години, но тогаш не беше прифатено од жителите, кои сметаа дека тоа нема да го реши сообраќајниот хаос во населбата доколку претходно не се изградат нови паркинг-места, туку само се обележат постојните.

Една од причините за тогашниот отпор кон воведувањето на Б-зоната беше и селективната наплата на паркингот. Додека во еден дел од градот се проширува зоната, во други делови не функционира и не се наплаќа паркинг ниту во А-зоната, во центарот на градот.

Тогаш, градоначалникот Димитриевски ја повлече точката за воведување на зонско паркирање на „Октомвриска“, велејќи дека не сака да оди против волјата на граѓаните.

Од Месната заедница „Панче Пешев“ сега велат дека очекуваат средба со директорот на „Куманово-паркинг“, на која треба да им биде објаснето што се ќе биде опфатено со проектот, како за и условите за паркирање за жителите на населбата, особено во однос на бројот на возила по семејство. 

Тие додаваат дека, откако ќе ги добијат сите детали, ќе свикаат собир со жителите за да се изјаснат дали понудените услови се прифатливи за нив.

„Покрај паркингот кај „Стокомак“ каде треба да има нови 60 паркинг места, беше договорено да се уреди и просторот пред зградата 28А, а колку што гледаме тоа не е предвидено во програмата. Мора да се исполнат сите услови за да се согласиме да профункционира Б-зоната“, велат од Месната заедница „Панче Пешев“.

Во новата зона Б планирано е ќе се исцртаат 440 паркинг места, а на тој простор има 630 станови и над 700 возила.

Жителите се поделени околу воведувањето на Б-зоната. Додека едни сметаат дека таа нема да го реши проблемот, туку ќе создаде дополнителен хаос, други веруваат дека тоа е единственото решение за сообраќајниот метеж и за паркирањето на возилата од приградските населби.