Мени

Потпишан меморандум за соработка меѓу Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и училиштето „Киро Бурназ“

12.06.2026 16:23 | Сузана Николиќ

Директорите на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и РЦСОО „Киро Бурназ“ денеска потпишаа меморандум за соработка.

Потпишан меморандум за соработка меѓу Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и училиштето „Киро Бурназ“

Од септември, учениците од фризерската струка ќе изведуваат практична настава во домот, а соработката подоцна ќе се прошири и на други образовни профили, меѓу кои и прехранбената струка.

„Со цел да ги подобриме услугите за нашите корисници, од септември учениците двапати неделно ќе доаѓаат на практична настава во нашето фризерско студио. Тука ќе ги усовршуваат своите вештини и, заедно со нашите негуватели и нивните ментори, ќе им пружаат фризерски услуги на корисниците. Тие ќе добиваат бесплатно шишање, фарбање на коса, маникир, педикир и други услуги кои се дел од нивната обука, а воедно се неопходни во нашата установа“, изјави директорот Александар Крстевски.

Тој додаде дека просторот наменет за фризерски услуги конечно ќе ја добие својата вистинска функција и ќе придонесе за збогатување на понудата на услуги во домот.

Директорката на РЦСОО „Киро Бурназ“, Сузана Максимовска, истакна дека и досега постоела повремена соработка, но сега таа станува официјална и редовна.

„Тоа значи дека нашите ученици двапати неделно, а по потреба и почесто, ќе доаѓаат во фризерскиот салон за да изведуваат практична настава во рамките на оваа установа. Соработката може да се прошири и во други области, како што се прехранбената и здравствената струка, како и насоката за лични услуги. Нашите ученици се подготвени да се ангажираат и во кујната, аптеката и во други сегменти од работата на домот. Планираме долгорочна и успешна соработка“, изјави Максимовска.

Во наредниот период се планира воспоставување соработка и со други училишта, особено од здравствената струка, чии ученици би биле значајна поддршка во секојдневното функционирање на домот.

Во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово моментално се згрижени 176 корисници, а вкупниот капацитет на установата изнесува 180 лица.