×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Кумановци бараат слободни тротоари, бидејќи тоа беше предизборно ветување на локалната власт

    11.05.2022 17:12 | Сузана Николиќ

    Граѓаните на Куманово не можат да мрднат од паркираните автомобили по тротоарите. Речиси секоја пешачка патека е претворена во паркинг, па пешаците се движат по коловозите и отвораат „четири очи“ додека да ги заобиколат сите автомобили за да стигнат безбедно таму каде што тргнале. Особено е критично во централното градско подрачје, по тесните едносмерни улички, каде што веќе има исцртани паркинг места.

    Кумановци бараат слободни тротоари, бидејќи тоа беше предизборно ветување на локалната власт

    Една од причините за хаосот по тротоарите е тоа што се паркира кој кај ќе стигне за да не плати паркинг, а друга е немањето на доволно паркиралишта. Во Куманово има околу 30.000 автомобили, а само 570 паркинг места.

    „Ова е невидено. Ако може со автомобил да влезат таму каде што треба да си завршат работа и тоа би го направиле. Ваква некултура и самоволие никаде нема. Тротоарите не се во фунција на пешаците. На секој чекор бандери, маси и столови, контејнери или паркирани возила, се има само простор за движење нема“, вели нашата сограѓанка Наталија М., која особено го потенцира проблемот за движење низ градот со детска количка.

    Ослободувањето на тротоарите од паркираните возила, беше едно од најчестите ветувања во предизборната кампања на сите политички партии во Куманово. Политичарите најавуваа остра и бескомпромисна борба со сите узурпатори на јавните површини, како и мобилизирање на сите надлежни институции во интерес на граѓаните. Но, откако заврши изборната еуфорија, надлежните си ја префрлаат одговорноста, па сега граѓаните својот револт го истураат на социјалните мрежи.

    Градоначалникот Максим Димитриевски и неговата листа на советници „За наше Куманово“ во изборната кампања изработи банер на кој ова прашање го штиклираше како завршено. Но сега, кога ја добија локалната власт и треба да го реaлизираат ветувањето, велат дека не се надлежни.

    „За расчистување и отстранување на паркираните возила од тротоарите надлежност има МВР. СВР Куманово може да ги отстрани возилата од тротоарите. Општината има надлежност на зелените површини, т.е. комуналната инспекција може да издаде налог за отстранување на возила од зелени површини и расчистување на хаварисани нерегестрирани возила во соработка со МВР“, стои во одговорот од Општина Куманово.

    На прашањето, дали тоа значи дека градоначалникот и неговата советничка листа ги лажеле граѓаните во предизборни цели, не ни одговорија.

    Од СВР Куманово, пак, се правдаат дека тие континуирано преземаат мерки и спроведуваат зајакнати акциски контроли за санкционирање на возилата и возачите кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Покрај дневните контроли на возила со брзина поголема од дозволената и возачи кои управуваат со возило под дејство на алкохол, велат се казнуваат и оние кои се непрописно паркирани.

    „На подрачјето на Куманово во 2021 година се санкционирани 2.465 возачи за непрописно паркирање од кои 939 возила се подигнати со „пајак“ возило. Додека во 2022 година, за само три месеци се санкционирани 805 возачи за непрописно паркирање, од кои 408 возила се подигнати со „пајак“ возило“, одговорија од МВР.

    Тие додават дека во 2021 година одржале 14 сообраќајни поуки за лица кои не ги почитувале сообраќајните правила и прописи од кои најголем дел се за непрописно паркирање на кои присуствувале 314 граѓани, а за три месеци се оддржале 6 сообраќајни поуки на кои присуствувале 161 граѓанин.

    Кумановци сметаат дека проблемот ќе реши дури откако општината ќе обезбеди доволно паркинг места, бидејќи во моментот има само една катна гаража, која е со многу мал број на места, а не функционира и втората паркинг зона. 

    „Бараме да се ослободат тротоарите за нас обичните смртници. Кога веќе немаме автомобили и градски превоз, барем да имаме каде слободно да одиме пешки, без да се плашиме дека некој ќе не собере. Каде се катните гаражи и паркинзите што ги ветија, таму им е местото на автомобилите“, вели кумановец, кој потсетува дека Димитриевски пред изборите ветил две катни гаражи во центарот на градот.

    Граѓаните се жалат дека проблем во непречено движење им се и автомобилите на сопствениците на куќите и зградите покрај поголемите сообраќајници, кои своите гаражи ги претворија во деловни простори. Како најкритични ги посочуваат улиците Трета МУБ, Драган Стопаревиќ, како и улиците во приградските населби.

    Единствено слободни се во моментот оние тротоари каде што се поставени заштитни столбчиња.

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk