Куманово домаќин на подготовките на македонските боксери пред Светскиот куп (видео)
Боксери од македонската репрезентација се на подготовки во Куманово, пред учество на Светскиот куп во Будва, Црна Гора.
Станува збор за браќата Ален, Адам, Нужди и Арабел Рустемови од БК „Пелистер“ од Битола, кои се членови на Боксерската федерација на Македонија. Со нив истовремено тренираат и боксери од Куманово.
Репрезентативците се на седумдневен престој во Куманово, каде што ги усовршуваат борбените вештини и техники пред големото натпреварување, под водство на тренерите Самет Салиевски и Мухамед Алија.
„Откако е реновирана спортската сала, имаме најквалитетни услови за тренирање бокс во земјата. Салата е целосно реновирана и го имаме најдобриот ринг. Ова е голем успех за нашиот град – тука да дојдат најдобрите боксери во државата. Истовремено, тоа е мотивација и за нашите боксери да тренираат со нив. Да бидеш дел од ваков тим и од вакви боксерски имиња е голема чест“, вели Салиевски, тренер на БК Куманово.
Светскиот куп во бокс ќе се одржи од 15 до 22 март во Будва.
Боксерите на еден од тренинзите ги посети градоначалникот Максим Димитриевски, кој им посака пријатен престој во градот и успех на првенството.