Куманово е „заложник“ на исти луѓе кои секојдневно палат отпад и ги трујат граѓаните, кажаа надлежните
Жителите на булеварот „Октомвриска револуција“ најавуваат дека ќе го блокираат сообраќајот на улицата, незадоволни од тоа што несовесни граѓани секојдневно палат секаков вид отпад во месноста Стари Лозја и покрај железничката пруга, со што го загадуваат воздухот и го загрозуваат нивното здравје.
Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Георгиевска, изјави дека станува збор за исти лица, поради кои целиот град е практично заложник, и побара од командирот на Полициската станица во Куманово Александар Лазаревски да се преземат конкретни мерки за спречување на ваквото самоволие.

„Одржавме седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на која договоривме повеќе мерки за заштита од пожари, меѓу кои заеднички патроли и истурен пункт на противпожарната единица. Но, веќе наредниот ден имаше палење кабли зад КАМ и во тунелот кај железничката пруга. Сите знаете дека жителите на „Октомвриска“ сакаат да ја блокираат улицата поради огромното незадоволство од постојаното палење и чадење, кое го загадува воздухот. Што може да преземе СВР Куманово и како да се справиме со овие девијантни појави на поединци, кога цело Куманово е заложник? Тие продолжуваат да го прават тоа иако се свесни дека можат да се соочат со санкции“, рече Георгиевска.
Командирот Александар Лазаревски, потврди дека на посочената локација секојдневно се палат кабли и други електрични уреди со цел да се извлече бакарот и потоа да се продаде. Тој нагласи дека полициските служби континуирано работат на решавање на проблемот и дека имаат ограничено дејствување, поради долгите судски постапки кои им одат во прилог на пироманите.
Тој информираше дека од денеска на терен е активна една патрола, а од понеделник ќе функционираат две патроли составени од полициски службеници и комунални редари.

„Нивна задача ќе биде да ги откриваат и спречуваат лицата што палат отпад. Доколку бидат затекнати на лице место, ќе бидат приведени. Од лично искуство можам да кажам дека станува збор за лица кои вршат тешки кражби, кражби и оштетувања на имот. Против нив континуирано се поднесуваат прекршочни и кривични пријави, но постапките траат долго, што не придонесува за нивно одвраќање од ваквото девијантно однесување. Има и малолетни лица, за кои се водат посебни постапки, што дополнително ги оптоварува службите и ги ограничува можностите за преземање мерки“, изјави командирот.
Тој додаде дека веќе имале фатено лица, за кои Обвинителството оценило дека станува збор за прекршок против јавната чистота, а не за загрозување на безбедноста на граѓаните.