Мени

Куманово се гуши во чад, системот за управување со отпад е во целосен колапс, некој мора да понесе одговорност, вели Ристовски

09.06.2026 13:27 | KumanovoNews

Куманово не смее да биде град на чад, депонии и институционален молк. Граѓаните заслужуваат одговори и конкретни решенија. Време е некој да понесе одговорност, порача на денешната прес-конференција претседателот на Општинската организација на СДСМ Куманово, Дарко Ристовски.

Куманово се гуши во чад, системот за управување со отпад е во целосен колапс, некој мора да понесе одговорност, вели Ристовски

Тој потсети дека додека депонијата „Краста“ со денови гори, а чадот се шири низ Куманово и околните села, граѓаните се оставени сами во борбата за чист воздух и здрав живот.

„Жителите на Пчиња јавно предупредуваат дека проблемот трае со години. Денес веќе не зборуваме само за депонија што гори. Зборуваме за целосен колапс на системот за управување со отпад во Куманово“, изјави Ристовски.

Тој праша каде се локалната власт, Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат и зошто не реагираат за да го решат проблемот.

„Зошто секоја година ја гледаме истата слика – чад, загадување и импровизирано затрупување со земја? Дополнително, се отвора уште едно сериозно прашање. Ако Општина Куманово уште во 2021 година признала дека е потребна локација за градежен отпад, тогаш зошто и денес нема функционално решение? Каде завршува градежниот шут? Каде завршува кабастиот отпад? Кој врши контрола? Колку пари се потрошени за транспорт и депонирање на отпадот и каде е тој отпад денес? Локалната власт пет години не обезбеди системско решение. Резултатот е видлив за сите – гори депонијата, се создаваат диви депонии, а граѓаните дишат загаден воздух“, рече Ристовски.

Тој побара итна инспекциска контрола на депонијата „Краста“, јавно објавување на сите локации каде што се депонира градежниот отпад, ревизија на сите договори и јавни набавки поврзани со транспортот и одлагањето на отпадот, како и изработка на план со јасни рокови за конечно решавање на овој долгогодишен проблем.