Мени

Куманово се гуши во смет, а институциите молчат - до кога, прашува Ристовски

16.06.2026 15:18 | KumanovoNews

Претседателот на Општинската организација на СДСМ Куманово, Дарко Ристовски, денеска на прес-конференција кажа дека Куманово во последниот период сè соочува со преполни контејнери, расфрлан отпад и непријатни миризби, што создава револт кај граѓаните.

Куманово се гуши во смет, а институциите молчат - до кога, прашува Ристовски

„Она што најмногу загрижува е што проблемот не е од вчера. Граѓаните со месеци укажуваат на нередовно собирање на сметот, а наместо трајно решение добиваат само привремени интервенции и ветувања. Во време кога температурите растат, ризикот од ширење на зарази, појава на инсекти и нарушување на јавното здравје станува сè поголем. Дополнително, јавна тајна е дека комуналното претпријатие се соочува со недостаток на механизација и недоволен број камиони за навремено и ефикасно собирање на отпадот од целата територија на општината. Наместо навремено планирање и обезбедување на потребните ресурси, граѓаните денес ги плаќаат последиците од лошата организација и недоволните капацитети“, кажа Ристовски.

Тој го праша градоначалникот Максим Димитриевски, дали чека Куманово целосно да се затрупа во смет, па дури потоа да преземе конкретни мерки?

„Граѓаните очекуваат одговор и на следните прашања: што конкретно е преземено во изминатиот период за надминување на проблемот со собирањето на отпадот? Колку исправни и функционални камиони и механизација во моментов располагаат комуналните служби? Дали недостигот на механизација и камиони е причината поради која отпадот не се собира редовно во сите делови од градот? Дали постои план за набавка на нови возила и опрема и во кој рок ќе биде реализиран? Зошто и покрај бројните реакции од граѓаните, состојбата на терен продолжува да се влошува?, праша Ристовски.

Тој додаде дека Куманово заслужува чисти улици, функционални комунални служби и локална власт која ќе ги решава проблемите пред тие да прераснат во криза. 

„Наместо изговори, граѓаните очекуваат резултати. Наместо фотографии и изјави за јавност, потребни се конкретни мерки, доволно механизација и систем кој ќе функционира секој ден, а не само кога револтот на граѓаните ќе стане преголем за да се игнорира. Куманово не смее да биде град затрупан во смет поради неспособност, неодговорност или лошо планирање. Граѓаните плаќаат за услуга и имаат право да ја добијат навреме и квалитетно“, заврши Ристовски.