×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановското обвинителство се откажа од обвинението против градоначалникот Димитриевски

    02.07.2025 19:50 | KumanovoNews

    Пет дена пред завршните зборови, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово се откажа од обвинението против градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени за неиздавање дозвола за градба.

    Кумановското обвинителство се откажа од обвинението против градоначалникот Димитриевски

    Основниот суд во Куманово попладнево излезе со соопштение во кое наведува дека е донесена пресуда со која обвинението се одбива.

    „Основниот суд Куманово, заради интерес на јавноста за постапката по предметот на Основен суд Куманово К-115/24 против обвинетиот М. Д. од К. за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 в.в. со ст.1 од КЗ, известува дека на ден 01.07.2025 година донесена е пресуда со која обвинението се одбива согласно на чл.402 ст.1 т.3 од ЗКП, затоа што јавниот обвинител со поднесок од ден 30.06.2025 година се откажа од обвинението“, стои во соопштението на сајтот на Основен суд Куманово.

    Судскиот процес започна на 2 април 2024 година, а на 27 јуни се одржа последното рочиште, по што за на 4 јули судијката Маја Денковска побара сите странки во случајот да се подготват за завршни зборови.

    Според обвинението, Димитриевски од април 2023 како градоначалник на Општина Куманово не ја извршувал својата службена должност и не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште на правните лица „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“ од Куманово. Со тоа сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4б.б.ст.1 од Кривичниот законик. Бизнисмените бараа оштета од 3.3 милиони денари.

    На денешната седница на Советот на Општина Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски кажа дека Обвинителството се изјаснило оти нема елементи на кривично дело и дека обвинението се повлекува.

    „Јас одев на судењата како легалист и како човек кој верува на системот и верував дека во тој систем има и чесни луѓе и професионалци кои ќе го реформираат судството. Но секогаш сум ги обвинувал тие политички мотивираните и поврзани меѓу себе, како што се многу такви односи во нашиот Кумановски суд, и многу судови во Македонија. Ќе видиме времето ќе покаже, вистината ќе излезе на видело, кој е составен дел на тој апарат“, кажа Димитриевски.

    Димитриевски најави кандидатура за градоначалник на Куманово за трет мандат, на претстојните локални избори.