Мени

Лицата над 65 години да се заштитат од високите температури, препораки од ИЈЗ

10.08.2026 11:18 | KumanovoNews

Лицата над 65 години се меѓу најризичните категории на население при високи температури и топлотни бранови, поради што се препорачува да преземат дополнителни мерки за заштита на здравјето.

Лицата над 65 години да се заштитат од високите температури, препораки од ИЈЗ

Oд Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека со возраста организмот потешко се приспособува на високите температури. Дополнителен ризик претставуваат хроничните заболувања, како и редовната терапија, бидејќи одредени лекови може да влијаат врз реакцијата на организмот на топлина.

„Лицата над 65 години да избегнуваат директно изложување на сонце, особено во периодот од 11 до 17 часот, како и физичка активност и работа на отворено во најтоплиот дел од денот. Да носат лесна, светла и широка облека, очила за сонце и капа или шапка со широк обод. При изложување на сонце треба да се користи крема за заштита со заштитен фактор SPF 30 или повисок. Особено важно е внесувањето доволно течности, без да се чека појавата на жед. Треба да се избегнуваат алкохолните пијалаци и да се ограничи внесот на пијалаци со кофеин. Лицата на кои лекар им го ограничил внесот на течности поради здравствена состојба треба да се консултираат со лекар за количината течности што треба да ја внесуваат во текот на топлите денови“, стои во препораката.

Исто така се препорачува во домовите да се одржува пријатна температура, со користење ролетни и завеси за заштита од директна сончева светлина. Просториите треба да се проветруваат во периодите кога надворешната температура е пониска. Доколку се користи клима-уред, треба да се избегнува прекумерно разладување и нагли температурни промени.

„Во најтоплиот период од денот, особено од 13 до 17 часот, да не се користат шпорет, рерна и други уреди кои дополнително го загреваат домот. За разладување на организмот може да се користи млака или посвежа вода при туширање, влажни крпи, како и престој во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија, доколку е достапна. Лицата со хронични заболувања треба редовно да ја земаат пропишаната терапија и да не ја менуваат или прекинуваат без консултација со лекар. При промена или влошување на здравствената состојба, потребно е да се контактира матичниот лекар“, препрачува ИЈЗ.

Во периоди на високи температури се препорачува и редовен контакт со семејството, пријателите и соседите. Ова е особено важно за повозрасните лица кои живеат сами, бидејќи навремената комуникација овозможува полесно препознавање на евентуално влошување на здравствената состојба и обезбедување помош доколку е потребно.