×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Лицата со попреченост од Крива Паланка се уште недоволно вклучени во заедницата (видео)

    15.12.2023 11:13 | Сузана Николиќ

    Лицата со попреченост во општина Крива Паланка се уште немаат доволно услови за остварување на своите граѓански и политички права, ниту имаат доволно можности активно да учествуваат во јавниот и политичкиот живот во локалната заедница.

    Овој го покажува анализата за вклученоста на лицата со попреченост во заедницата и нивното активно учество во носењето одлуки на локално ниво, што ја спроведе РЦС Спектар од Крива Паланка.

    „Општ е заклучокот дека поддршката за лицата со попреченост од локалните власти и институции се сведува главно на обезбедување пристапни рампи, а многу помалку на нивно консултирање и вклучување во креирањето и спроведувањето на локалните политики“, се наведува во анализата на организацијата.

    Истражувањето се темели на анкети со лицата со попреченост, но и на ставовите и перцепцијата на лицата без попреченост, капацитетите на локалните институции, како и на анализа на стратешките и програмски документи , со цел да се согледаат мерките што се преземаат за овие граѓани.

    Истите заклучоци, но и осаменоста и изолираноста на лицата со попреченост, беа подвлечени како проблеми и на јавната трибина „Вклученост на лицата со попреченост во заедницата“, што се одржа во EU House Крива Паланка.

    Според анкетираните лица половината од нив никогаш не биле консултирани при носењето програми и мерки за локалните политики, исто толку сметаат и дека само делумно имаат можности за остварување на своите права, додека останатите се чувствуваат целосно дискриминирани. Делумно се остваруваат и нивните избирачки права, а освен во еден случај на кандидатка на листа за советници, не познаваат ниту едно лице со попреченост кое е во
    управувачки и ракодни структури во политичките партии, локалната смоуправа или во Советот на општината. За дел од нив единствена можност да се вклучат во одлучувачките процеси е воведувањето процентуално учество за задолжителна застапеност на советничките листи.

    Најголеми приоритети за лицата со попреченост , пак, се вработувањето според правична застапеност, интеграцијата и образовна асистенција, пристап до документи и институции, нагледни средства, едукација, право на додаток и др.

    Токму овој пример илустрира дека се уште постојат предрасуди во однос на лицата со попреченост. Иако поголем дел од испитаниците без попреченост немаат проблем да прифатат лице со попреченост за градоначалник/ка или лидер/ка на политичка партија, сепак се уште некои од анкетираните не се сигурни дека би можеле тоа да го прифатат. Половината би предложиле или поддржале лице со попреченост за советник, градоначалник или пратеник, додека останатата половина тоа би го сторила само доколку е сигурна во нивните капацитети и компетенции.

    Поголем дел од анкетираните не се согласуваат со воведување квота за застапеност на лицата со попреченост на локалните избори, и сметаат дека секој треба да биде третиран според своите лични способности и квалитети.

    И во стратешките и програмски документи на општината недостасуваат мерки и активности за вклучување на лицата со попреченост во одлучувачките процеси на локално ниво, нивно задолжително консултирање, како и учество во јавниот и политичкиот живот.


    Лицата со попреченост често се соочуваат и со проблемот на осаменост и изолираност што видно им го нарушува квалитетот на живот.


    Во Општина Крива Паланка нема вработено лице со попреченост, а нивните права и потреби обично се застапени од претставници на граѓанските организации кои се активни на оваа поле, а многу помалку преку нивно директно консултирање и вклучување. Но се прават напори тие да се вклучат во заедницата преку учество на форуми, трибини, културни и креативни настани во соработка со локалните институции. Крива Паланка е и една од првите општини која изготви социјален план со кој е опфатена и оваа ранлива група.


    За поголемо остварување на граѓанските и политички права на лицата со попреченост се препорачува локалните власти и јавните институции да ги вклучат директно во консултативните и одлучувачки процеси во заедницата, а политичките партии да планираат сеопфатни и конкретни политики и мерки, но и нивно во партиските органи и на добитните места на кандидатските листи за советници. Потребни се и едуктивно-информативни кампањи за јавноста за да се зголеми свеста и да надминат предрасудите кон оваа маргинализирана група.

    Акцијата „Вклученост на лицата со попреченост во политичкиот и јавниот живот во локалната заедница“ која ја спроведе РЦС„Спектар“ од Крива Паланка се реализира во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“ на НВО Инфоцентар, со финансиска поддршка од ЕУ.

    Автор: Сузана Николиќ

    Ова прилог е подготвен со помош на Европската Унија. Содржината на прилогот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

     

    Лицата со попреченост од Крива Паланка се уште недоволно вклучени во заедницата (видео)