Македонија го слави Илинден - 123 години од Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ
Двата Илиндена - 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, денеска се прослават на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот комплекс АСНОМ во селото Пелинце.
Со Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ, удрени се темелите на македонската држава.
Во Меморијалниот центар во Пелинце, премиерот Христијан Мицкоски положи цвеќе и се обрати пред присутните.
Двата Илиндена се длабоко врежани во колективната меморија на нашиот народ, и се историски темелник на македонската самобитност, непокор и слобода.
Почетокот на Илинденското востание против османлиската власт го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена.
На 2 Август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“ било одржано Првото заседание на АСНОМ, на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Избран бил Президиумот на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов Ченто.
Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.