Методија Манојловски нов претседател на Здружението на пензионери, разрешен Ристо Бошков
На вонредно Собрание на Здружението на пензионери Куманово, одржано во петокот, за нов претседател на здружението е избран Методија Манојловски.
Собранието било свикано на барање на повеќе од една третина од делегатите, а со потребното мнозинство гласови од функцијата бил разрешен досегашниот претседател Ристо Бошков.
Членови на здружението посочуваат дека главна причина за свикувањето на вонредното собрание биле наталоженото незадоволство од работата, како и недоволна транспарентност при донесувањето на одлуките.
На седницата биле донесени и други кадровски промени. Од функцијата претседател на Собранието на Здружението бил разрешен Назим Емини, а на негово место е избран Хуљеси Саљији.
Од Здружението информираат дека одлуките биле донесени согласно процедурите и со потребното мнозинство гласови на присутните делегати.
Вонредното собрание се одржало на 5 јуни во просториите на Здружението на пензионери Куманово, а утре ќе се изврши примопредавање на функцијата.