Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Холот на средното училиште „Перо Наков“ синоќа беше модна писта на која беа прикажани најновите модели на учениците од текстилната струка.
На ревијата насловена „Модни варијации“ беа прикажани над 50 модели изработени од ученицита, кои ја воодушевија публиката.
Модната ревија е најважниот настан на крајот на учебната година, која прераснува во образовна и уметничка традиција. Учениците се максимално вклучени во целиот процес од идеја до реализација, со помош од наставниците и компаниите со учење преку работа.
„Имаме 4 модни ревии, по една од учениците од втора, трета и четврта година и една ревија од паралелките со настава на албански јазик. Има повеќе од 50 модели, ова година имаме најголем број на модели. Некаде околу 100 ученика беа вклучени во овој проект“, објасни Марија Спиридоновска - Ангеловска, професорка по предметот дизајн на облека.
Првата колекција, „Безвременска елеганција“, инспирирана од класичниот црно-бел стил и модното влијание на Коко Шанел, ја отвори вечерта. Креациите беа симбол на софистицираност, имагинација и прецизна изработка.
Следеше колекцијата „Тајната на мадам Рококо“ креирана од учениците на албански наставен јазик, а инспирирана од историскиот рококо стил и личноста на Марија Антоанета.
Учениците од четврта година ја претставија колекцијата „Сенката на Сахара“ инспирирана од суровата убавина на најголемата пустина на светот. Веднаш потоа, истите ученици преминаа во разиграниот „Детски свет“– колекција со кукли и рачно изработени цветови, кои симболизираат чистота, фантазија и креативност. Најмалите ги собраа симпатиите и аплаузот на публиката, а пленија со својата природност, отвореност и привлечна слаткост.
Завршната колекција „Да живее животот“ е дело на учениците од четврта и втора година, посветена на мексиканската ликовна ументичка Фрида Кало, а беа претставени плетени аксесоари со живописни бои.
„На светот му требаш таков каков што си. Треба да се осмелиш болката да ја претвориш во магија“, беше пораката што одекнуваше од сцената.
Ментори кои учестваа во организацијата на ревијата се Марија Спиридоновска Ангеловска, Фросина Митковска Цветковска, Викторија Крстевска, Андријана Динева, Розана Деспотовиќ и Бјондина Љатифи.
Модната ревија е дел од концептот „Учење преку работа“, кој веќе четврта година е интегриран во наставниот процес. Преку соработка со текстилно-кожарски компании, учениците добиваат реално работно искуство, а резултатот се креации кои можат рамноправно да се носат со професионалниот моден свет.
„Подобро сме подготвени од кога било – подобри дизајни, повеќе искуство и поголема самодоверба“, вели Анастасија Стојановска, ученичка од трета година.
Ова е трета ревија и се одржа во холот на училиштето, бидејќи во Занаетчискиот дом и Центарот за култура просторот не е доволен да големата заинтересираност кај публиката.
„Се одлучивме модната ревија да биде во холот на училиштето, каде и најголем дел од учениците, родителите и останатите посетители ќе бидат угостени. Задоволството е огромно, честа исто така- изработките на нашите ученици беа презентирани, се она што се работеше цела учебна година беше покажано пред публиката“, истакна директорката Мила Жибак Димковска.
Наставниците, учениците и останатите кои работаеа на проектот се согласија во едно – ова не е само ревија, туку прослава на знаењето, креативноста и младешката храброст. Публиката на „Модни варијации“, но и на претходните изданија на манифестацијата во потполност се сложуваат со нив и уживаа во прексрасната вечер.