Мени

Мора да се пријави доход во странство, не станува збор за нова обврска, велат од УЈП

15.04.2026 18:22 | KumanovoNews

Оданочувањето на доходот остварен во странство не претставува нова законска обврска, туку примена на постојните прописи, рекоа од Управата за јавни приходи (УЈП) на денешниот брифинг по реакциите во јавноста и најавите за протести во Скопје.

Мора да се пријави доход во странство, не станува збор за нова обврска, велат од УЈП

Од институцијата велат дека државата функционира врз принципот на самооданочување, според кој граѓаните сами ги пресметуваат и пријавуваат своите даночни обврски, додека УЈП обезбедува системска поддршка, контрола и наплата.

„Физичките лица се должни да пријавуваат доход, особено кога станува збор за приходи од странство или кога нема домашен исплатувач. Пријавувањето се врши преку електронскиот систем е-ППД, како и преку годишната даночна пријава, која УЈП ја генерира како пред-пополнета и граѓаните треба да ја потврдат или коригираат до 31 мај“, велат од УЈП, пренесува сдк.мк.

Оттаму додаваат дека клучната промена не е во законската рамка, туку во начинот на обработка на податоците. Од втората половина на 2024 година започнала системска анализа и вкрстување на податоците за приливи од странство, кои банките редовно ги доставуваат согласно закон.

За 2020 година, УЈП испратила 11.527 известувања до граѓани со евидентирани приливи од странство. По овие известувања, 2.276 лица доброволно поднеле даночни пресметки, додека за 3.637 лица биле утврдени обврски по службена должност. Кај 5.614 лица, пак, било утврдено дека станува збор за неoданочиви приливи.

Вкупно утврдениот данок за оваа година изнесува 171,6 милиони денари, од кои досега се наплатени 30,4 милиони денари.

Според податоците за 2025 година,  70.869 граѓани примиле приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра. До сега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пресметки.

За лицата ангажирани во странски мисии во Авганистан и Ирак, кои тврдат дека платиле данок во странство, од УЈП побарале проверка преку Министерството за надворешни работи за 257 лица. Во однос на студентите кои работеле во странство, идентификувани се 134 лица, со кои се организираат средби за појаснување на обврските и можностите за плаќање, вклучително и на рати. Дел од нив веќе поднеле пријави и платиле данок.

Од УЈП велат дека дел од граѓаните се соочуваат со неочекувани обврски поради недоволна информираност во минатото, но нагласуваат дека целта не е казнување, туку правична примена на законот.