Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановскиот музеј ќе обезбеди бесплатна посета за сите заинтересирани граѓани кои во текот на февруари сакаат да ја посетат спомен куќата на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош по повод 80 годишнина од неговото загинување.
Заинтересираните да се пријават во Кумановскиот музеј, по што водич – кустос организирано ќе ги води групите.
„Испратени се дописи до сите основни и средни училишта во Куманово, но оваа акција се однесува на сите заинтересирани граѓани, без разлика на статусот и возраста. Ова е наш начин да оддадеме почит на големиот херој Христијан Карпош од нашиот град, а се надеваме на добар одзив кај сограѓаните“, истакна директорката Марија Миљуш - Божурска.
Христијан Тодоровски Карпош е роден во Куманово на 3 септември 1921 година, а загинал на 7 февруари 1944 година во прешевското село Биљача, во борба со бугарската фашистичка војска и полиција, како командант на кумановскиот партизански батаљон „Јордан Николов - Орце“.
Прогласен е за народен херој на Југославија во 1945 година.