На Табановце запленети 500.000 евра во минибус
На Граничниот премин Табановце запленети се половина милион евра при обид нелегално да бидат внесени во државата.
Девизите биле пронајдени во специјално изработен бункер во минибус управуван од Џ. Г., државјанин на Република Албанија, по што му била изречена судска пресуда од Основен суд Куманово.
„При детална контрола на минибусот, сопственост на туристичка агенција од Албанија, со кој биле превезувани седум патници, беа пронајдени 14 проѕирни ќеси во кои биле спакувани 500.000 евра“, изјави директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, додавајќи дека секој обид за нелегален прекуграничен пренос на готовина ќе биде најстрого санкциониран.
Николовски упати јавна благодарност до тимовите од Одделението за оперативни работи за брзата реакција и професионално спроведената контрола, кои ќе бидат наградени со по 10.000 денари.
Согласно законот, запленетите девизи се предадени на Агенција за одземен имот, од каде што се депонирани во Народна банка.
Според директорот, чии се еврата ќе треба да утврдат другите надлежни институции, но извесно е дека ќе се влеат во државниот буџет и ќе се искористат за нови патишта, болници училишта.