Мени

На Табановце запленети 64.250 евра при обид за нелегален пренос на девизи

31.07.2026 09:07 | KumanovoNews

Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречиле обид за нелегален пренос на девизи и заплениле 64.250 евра при контрола на автомобил со германски регистарски таблички, управуван од грчки државјанин.

На Табановце запленети 64.250 евра при обид за нелегален пренос на девизи

Според информациите од Царинската управа, патникот при влез во државата, пријавил дека носи 60.000 евра и приложил образец издаден при влез во Република Србија.

Поради сомневање во веродостојноста на неговата изјава, царинските службеници, заедно со полициски службеник на Фронтекс, извршиле детален претрес на возилото и патникот, при што биле пронајдени вкупно 124.250 евра.

Во согласност со Законот за девизно работење, на лицето му биле вратени пријавените 60.000 евра, додека останатите 64.250 евра биле одземени. Против грчкиот државјанин е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд.

Од Царинската управа информираат дека од почетокот на годинава се откриени 30 случаи на нелегален пренос на девизи,  запленети се вкупно 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35.000 австралиски долари.