Над 100 жени се пријавија за термини за бесплатна мамографија во Куманово
Над 100 жени се пријавиле за бесплатен мамографски преглед во акцијата што денеска на Градскиот плоштад во Куманово ја спроведоа Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и Здравствениот дом Куманово, по повод 12 мај, Меѓународниот ден на медицинските сестри.
„Акцијата наиде на голем одзив, на наше големо задоволство, бидејќи можеме да одговориме на потребите на нашите сограѓанки. Карциномот на дојка е сѐ поприсутен на овие простори и превенцијата е многу важна. За два часа се пријавија над 100 жени на возраст од 40 до 69 години, кои во последните две години не направиле мамографски преглед, со цел навремено да се откријат евентуални промени. Доколку се реагира навреме, тоа води до побрз третман и поефикасно лекување. Иако процесот е дигитализиран и многу лесно може да се пристапи преку порталот е-здравство, знаеме дека дел од граѓаните не знаат како да се регистрираат или немаат помлад член од семејството да им помогне. Матичните лекари, пак, се преоптоварени со прегледи, па затоа решивме на овој начин да го одбележиме нашиот ден, да ги поттикнеме нашите сограѓанки да се пријават, а ние да им го закажеме прегледот“, изјави Лилјана Ивановска, дипломирана медицинска сестра во Здравствен дом Куманово.

Таа додаде дека податоците ќе бидат внесени во системот „Мој термин“, по што жените ќе добијат СМС-порака со терминот за преглед во Општата болница Куманово. Според неа, ваквите акции ќе продолжат и во наредниот период, бидејќи интересот кај граѓаните е голем.
На жените кои денеска дојдоа на пунктот им беа поделени и брошури за самопреглед на дојки, превентивна метода што можат да ја практикуваат дома. Акцијата опфати и бесплатно мерење крвен притисок, при што беа прегледани над 200 граѓани од Куманово.