Напредува изградбата на втората делница од пругата кон Бугарија, кажа Николовски
Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце–Крива Паланка, напредува со засилена динамика. Станува збор за еден од најкомплексните и најголеми инфраструктурни проекти што во моментов се реализираат во Македонија, рече вицепремиерот, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП МЖ Инфраструктура и претставници на изведувачот „Ѓулермак“ изврши увид во градежните работи на трасата.
Николоски нагласи дека проектот претставува значајно инженерско достигнување и дека пругата е дел од стратешкиот НАТО Коридор 8, кој ја поврзува Македонија со Бугарија и Црното Море.
„Се работи за исклучително предизвикувачки проект кој опфаќа изградба на три нови железнички станици – во Кратово, Романовце и Гиновце, како и 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници и три подвозници. Имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот, ова ќе биде железница на која возовите ќе сообраќаат со брзина од 100 до 120 километри на час, што во вакви услови е навистина одлично решение“, изјави Николоски.
Тој посочи дека мостовите што се градат претставуваат вистинско инженерско чудо, со столбови високи и до 61 метар, што е повеќе од двојно повисоко од просечна осумкатна станбена зграда.
„Највисокиот столб што се гради е висок цели 61 метар. За споредба, просечна зграда од седум до осум ката е висока околу 24 до 25 метри. Тоа значи дека овие столбови, доколку би се наоѓале во урбана средина, би биле високи колку згради од 15 до 20 ката“, потенцираше министерот.

Во рамки на проектот ќе бидат вградени десетици илјади тони арматура и вкупно 125.000 кубни метри бетон. Николоски информираше дека напредокот на конструктивните работи достигнал 31 процент, додека вкупната реализација на проектот изнесува 36 проценти.
„Очекувам до октомври 2028 година по оваа траса веќе да сообраќаат возови. Ова е дел од источниот крак на Коридорот 8. По изградбата на втората делница, ќе следува и изградбата на третата. Во соработка со Европската инвестициска банка, ЕБОР и Европската Унија, од каде што добиваме и грант-средства, веќе е објавен тендер за избор на надзорен орган. Очекувам во следните неколку недели, во соработка со ЕБОР и ЕУ, да биде објавен и тендерот за изведба, со што конечно Македонија железнички ќе се поврзе со Бугарија, односно Скопје со Софија, а понатаму и со Црното Море“, додаде Николоски.
Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека во наредниот период очекува уште посилна динамика на градежните работи и нагласи дека претпријатието останува целосно посветено на реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти.