Традиционална ликовна изложба “Самоуки 2026“ во Куманово
Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ - Куманово, утре во 20 часот, ќе биде отворена традиционалната ликовна изложба “Самоуки 2026“.
На изложбата ќе бидат претставени околу 40-тина дела - слики, изработени од 16 автори.
„Целта и идејата на оваа изложба е претставување на кумановските неакадемски уметници пред пошироката јавност, но, воедно, и развивање на афинитети кон визуелните уметности, едукација и презентација на едно запоставено творештво коешто претставува едно локално богатство и заслужува да биде споделено со пошироката ликовната публика“, вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста .
Тој додава дека потребата за традиционално организирање на ваков вид на изложби се јавила на почетокот на деведесеттите години од минатиот век а дошла како резултат на иницијатива на повеќе наши сограѓани – неакадемски уметници, кои имале сериозна ликовна продукција.
„Искуствата низ годините покажаа дека оваа изложба освен тоа што има одреден квантитет, квалитет и ликовно-естетско ниво , истата, може да биде и предмет на интерес на медиумите и јавноста. Впрочем и континуитетот потврден во 35-те изданија говори за долгорочен интерес на сите инволвирани страни во проектот – уметниците, организаторот и самата публика којашто со својата присутност дава позитивни сигнали за некои идни ангажмани во оваа насока“, додава Цветковски..
Изложбата ќе биде поставена до 25.06.2026.
Проектот е подржан од страна на Министерство за култура на Македонија.