Невремето ги врати спомените на големата поплава од 1976 годинa во Куманово
Силното невреме што на 21 јули го зафати Куманово граѓаните ги потсети на катастрофалната поплава што се случила на истиот датум пред 50 години. Тогаш поројните дождови предизвикале излевање на потокот Серава, кој носел се пред себе и направил огромни штети на градот.
(Фотографијата е делумно изменета со АИ)
Во поплавата на 21 јули 1976 година две лица го загубиле животот од удар на гром, а 87 биле повредени. Водената стихија уништила 876 станбени единици со вкупна површина од 62.460 квадратни метри, како и 122 деловни објекти. Големи штети претрпеле и земјоделството, сообраќајот, занаетчиството и индустријата.
Поранешната новинарка во „Наш Весник“ Нада Ивановска, вели дека за неа и двете невремиња биле опасни и дека секое на свој начин предизвикало голема материјална штета и вознемиреност кај граѓаните.
„Тогаш паѓаше пороен дожд и водата ги поплави куќите и подрумите. Силната буица ги однесе автомобилите во Средорек, водата ја извади коцката од улицата Доне Божинов. Покрај големата материјална штета, имаше последици и по здравјето на луѓето, а болниците беа преполни со пациенти. И самата се најдов во таква ситуација. Што се однесува до ова невреме, и тоа ми изгледаше страшно, можеби затоа што дуваше силен урагански ветер и никој не се знаеше што може да се случи и колку ќе трае“, вели Ивановска.
На поплавата од 1976 година, одлично се сеќава и пензионерот Бранко Арсовски, бидејќи тогаш како вработен во Центарот за социјални работи во Куманово, бил член на кризниот штаб за справување со последиците од невремето. Според него, во обновата на градот клучна улога имала тогашната држава.
„Во поплавата беа погодени околу 180 семејства. Цели куќи и згради беа поплавени и уништени. Градот беше под вода по целата должина на потокот Серава, од Диво Насеље до Средорек. Дел од куќите беа толку оштетени што луѓето никогаш не можеа да се вратат да живеат во нив. Од буџетот на тогашна Југославија на Куманово му беа доделени два милиона марки помош. Собранието одлучи со тие средства да се изградат повеќе од 80 бараки во населбата Тоде Мендол и да се покрие потокот Серава. Бараките беа изградени за само три месеци и семејствата се преселија во новата населба, која и денес е позната како „Бараки““, раскажува Арсовски.

За катастрофалната поплава постои и текст во архивата на белградскиот весник „Борба“, чиј автор е новинарот Стојко Николовски. Еден месец по несреќата тој ја опишува состојбата во поплавениот град и потребата од помош. Во разговор со тогашниот претседател на Собранието на Куманово, Методија Петровски, се наведува дека вакво невреме не се паметело во претходните 50 години. Освен обилните дождови на 21 јули, врнежи имало и на 23 јули и на 11 август, што дополнително ја отежнале состојбата.
„Многу улици се целосно уништени. На повеќе места буиците направиле кратери длабоки од еден до два метри на главните градски сообраќајници. Во слична состојба се и населбите Табакана, Бејтов Млин, Никола Тесла и 11 Ноември. Речиси сите тротоари се уништени или оштетени, како и електричната, водоводната и телефонската мрежа“, стои во текстот на „Борба“.
Големи штети претрпеле и тогашните претпријатија „Просвета“, „Житомел“, ЧИК, „Киро Фетак“, ПИК Куманово, „Бисерка“ и КИК Куманово. Во дел од фабриките производството било запрено со денови, додека се чистеле машините и просториите од надојденото блато. Многу работници не можеле да стигнат на работа, бидејќи нивните домови и покуќнината биле уништени или однесени од поплавата.
Водата навлегла и во Основното училиште „11 Октомври“, Градската болница, аптеките и други здравствени установи. Уништени биле лозови насади, пченица, тутун и градинарски култури на земјоделските комбинати и индивидуалните производители.

Во расчистувањето на последиците биле вклучени повеќе претпријатија, меѓу кои „Козјак“, „Чистота и зеленило“, „Водовод“ и „Минер“, „Југ-Турист“, како и „Македонија - пат“, Комуналец и „Треска“ од Скопје. Со нивна механизација и со помош на граѓаните се расчистувале улиците и се обновувале електричната, телефонската и водоводната мрежа.
„Веднаш по поплавата презедовме мерки за спасување на граѓаните, нивниот имот и објектите. Ги ангажиравме сите работоспособни луѓе за оспособување на индустриските капацитети и сообраќајниците, за испумпување на водата и чистење на домовите, работните простории и јавните објекти. Загрозените семејства ги сместивме во Интернатот и во други објекти, а многумина заминаа кај роднини и пријатели. Забранивме градба покрај Серава и склучивме договор со фабриката „Треска“ од Скопје за изградба на монтажни куќички за најзагрозените. Сега бараме трајно решение за реката Серава, која претставува потенцијална опасност за градот“, изјавил тогаш Петровски.
Тој оценил дека размерите на катастрофата биле толку големи што за санацијата биле потребни околу 333 милиони динари и помош од пошироката заедница.
„Куманово само не може да ја надмине оваа катастрофа. Потребна е поддршка од Републиката и Федерацијата за санација на настанатите штети“, се наведува во текстот на „Борба“.

Невремето со урагански ветар што го зафати Куманово оваа недела предизвика значително помала материјална штета во споредба со она од пред половина век. Олујниот ветер откорна повеќе од 100 дрвја, собори бандери и електрични столбови, а оштети и десетина лимени покриви на куќи. Вкупната штета допрва ќе се утврдува по пријавите од граѓаните. Она што е заеднички за двете непогоди е дека и двете биле подеднакво застрашувачки. Тие имаат силна симболика во тоа што две големи природни непогоди го погодиле Куманово на ист датум и на ист верски празник, со разлика од точно половина век, и дека природата знае да биде немилосрдна.
„Бев дете и не се сеќавам на поплавата. Подоцна мајка ми Живка Вељковска, раскажуваше дека се случила на празникот Свети Прокопиј, па не дозволуваше да се пере или да се работи низ куќата на тој ден, од страв да не се случи некоја друга несреќа. Сега, кога случајно видов дека невремето е на Свети Прокопиј, повторно ми се вратија тие сеќавања и предупредувањата на мајка ми која повеќе не е со нас“, вели кумановката Фросина Додевска.
Во поновата историја, по 1976 година, во Куманово имаше уште една голема поплава и тоа во јануари 2003 година, кога по излевањето на реките Липковка и Којнарка беа поплавени населбите Средорек и Бавчи, причинета беше значителна материјална штета, но без човечки жртви.