Невремето поплави подруми и објекти во Куманово
Поројниот дожд што го зафати попладнево Куманово предизвика поплавување на подрумски простории, станбени и деловни објекти на повеќе локации во градот.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, во Општина Куманово пријавени се поплавени подруми на улиците „Моша Пијаде“, „Октомвриска револуција“, „Бајрам Шабани“, „Трета МУБ“ и „11 Октомври“.
Вода навлегла и во објекти на улицата „Веселин Маслеша“, како и во деловниот објект „Комодита“ на улицата „Гоце Делчев“. Поплавување е пријавено и на улицата ЈНА, во близина на ЛП Плаза, а до надлежните пристигнуваат пријави и од други локации низ градот.
Екипи на Општина Куманово, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово и јавните комунални претпријатија се на терен и работат на испумпување на водата и санирање на последиците од невремето.
Надлежните апелираат граѓаните да ги пријавуваат штетите и да бидат внимателни при движење по улиците додека трае расчистувањето на погодените подрачја.
(Фото. Фејзбук)