Мени

Новата градинка во „Зелен рид“ ќе се гради со пари од третиот владин повик

04.09.2026 15:46 | Сузана Николиќ

Детската градинка во населбата „Зелен рид“ ќе се гради со средства што Општина Куманово ќе ги добие од Владата преку третиот повик за инфраструктурни проекти во општините.

Новата градинка во „Зелен рид“ ќе се гради со пари од третиот владин повик

Иако претходно беше најавено дека проектот ќе биде поднесен на вториот повик, поради технички проблеми Општината не успеала да аплицира.

„Проблемот со проектот е разрешен. Издадена е градежна дозвола. Се чека повикот од Владата за да аплицираме. Имаме ветување дека на следниот повик проектот ќе биде одобрен. Поради еден потпис за техничко решение на еден службеник, на минатиот повик не беше навремено аплицирано, се работеше за проект за противпожарна заштита, се играше пинг-понг помеѓу две државни институции“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

Проектот за новата градинка го изработи ЈП „Куманово-план“, а ќе се наоѓа меѓу улицата „Васко Карангелевски“ и регионалниот пат Куманово–Свети Николе, во населбата „Зелен Рид“. Ќе биде со површина од 4.797 квадратни метри и капацитет за 382 деца.

Според проектот, градинката ќе има одвоени простории за деца од различни возрасни групи, а ќе има и отворени занимални. Објектот ќе биде на две нивоа и ќе располага со лифт, како и со детско игралиште во партерниот дел. 

Во меѓувреме, Општината, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука, ќе се обиде слободните капацитети во основните училишта да ги преадаптира во дневни центри за престој на ученици, со што дополнително би се зголемиле капацитетите за згрижување на деца.