Ќе се асфалтира „Моша Пијаде“, граѓаните да ги тргнат возилата од улицата
Од утре до крајот на следната недела ќе се работи на подговотките за асфалтирање на ул. Моша Пијаде, поради што Општина Куманово ги повикува станарите да го ослободат просторот од паркираните автомобили.
„Од петок , 16. октомври, па до крајот на следната недела, изведувачот ќе започне со подготовка за асфалтирање на ул.„Моша Пијаде“, на потегот од крстосницата со кружниот тек на ул. „Трета МУБ“ и ул.„Октомвриска Револуција“ до ул.“Пиринска Македонија“. Заради безбедно и несметано извршување на градежните работи, се замолуваат граѓаните да не ги паркираат своите возила, на посочените места, каде што активно се изведуваат градежните активности“, соопшти Општина Куманово .
Проектот за реконструкција на ул.”Моша Пијаде”, е финансиран од Светската банка преку Министерство за транспорт и врски.
Првата фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ започна во мај минатата година.
Според проектот, предвидена е целосна реконструкција или заменета подземната инфраструктура, како и поставување на нова електрична и оптичка инсталација.
Во должина од 830 метри ќе се изгради атмосферска канализација со профил Ф-1.000. На дел од улицата ќе бидат заменети и водоводната и канализациска мрежа, бидејќи постојната е стара повеќе од 50 години.
Изведувачот и надзорниот орган се избрани од Владата, а проектот се реализира преку Министерството за транспорт и врски и Светската банка, во соработка со локалната самоуправа.