Нови прскања против комарци и крлежи во Куманово
Наредната недела во Куманово повторно ќе прска против возрасната форма на комарци и против крлежи.
Терестичката дезинсекција против комарци ќе се спроведе во вторник, на 18 август, од полноќ до раните утрински часови. Ова ќе биде четврти ваков третман годинава.
„Ќе бидат опфатени повеќе локации во градот и околината, меѓу кои просторот по течението на реката Кумановка до Кумановска Бања, Проевце, м.в. Бејтови ниви, кејот на Кумановка, површините под бавчи од другата страна на реката по должината на булеварот „Октомвриска револуција“, на ул. „Никола Тесла“ и Градскиот парк, покрај реката во реонот на ООУ “Толи Зордумис”, во Диво Насеље, по текот на реката во с.Романовце, Градските гробишта, населбата Зелен рид, по должина на булеварот „Трета МУБ“ и „11 Октомври“, со посебен акцент на Општата болница – Куманово, низ централното градско подрачје, по текот на Серава и во населбата „Перо Чичо“, соопшти Општина Куманово.
За третманот против комарци ќе се користи препаратот „Цитрол УЛВ“.
Дезинсекција против крлежи, пак, ќе се спроведе во четврток, на 20 август од 5 до 8 часот на зелените површини во Соколански парк, просторот пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Градскиот плоштад, Спомен-костурницата, локалитетот Кошеви и Градскиот парк.
Во петок, на 21 август, во истиот период, третманот против крлежи ќе продолжи на Градскиот кеј.
За дезинсекцијата против крлежи ќе се користи препаратот „Cimina Plus“.
Надлежните информираат дека во случај на неповолни временски услови, третманите ќе бидат одложени за првиот нареден ден кога ќе има услови за нивно безбедно спроведување.