Мени

Одбележан празникот Свети Сава со свечена академија во Куманово

27.01.2026 16:48 | Сузана Николиќ

Демократската партија на Србите од Македонија и Српската заедница во Куманово, традиционално и оваа година ја организираа Светосавската академија, по повод националниот празник на Србите во Македонија – Свети Сава.

Одбележан празникот Свети Сава со свечена академија во Куманово

На свеченоста се обрати Ѓорѓе Миличевиќ, министер без ресор за соработка со дијаспората во Владата на Република Србија, кој го честиташе празникот и изрази благодарност до организаторите, истакнувајќи дека со ваквите манифестации не се чува само традицијата, туку се градат и мостови на пријателство меѓу македонската и српската заедница.

„Свети Сава веќе осум векови стои втемелен во нашиот духовен, културен и просветен идентитет. Тој не нè учеше само на вера, туку и на знаење, разум, соработка, а со тоа и на одговорност. Нè учеше дека народот не се гради со бучава и поделби, туку со заедништво и трпение, образование и меѓусебно почитување. Во таа смисла, неговата порака и денес е силна и потребна, исто како и во времето кога првпат била изговорена“, рече Миличевиќ.

Тој додаде дека Србите кои живеат надвор од матичната земја го чуваат својот културен идентитет, но и го збогатуваат преку заедничкиот живот, соживотот и разбирањето со другите народи.

„Празниците и вредностите имаат вистинска смисла само кога се делат. Свети Сава, како што ние го разбираме, значи отвореност, дијалог и подготвеност за мирен заеднички живот – мир, стабилност и почитување. Затоа ваквите средби се важни, бидејќи нè потсетуваат дека идентитетот не се чува со судири, туку со култура, образование и духовност“, истакна Миличевиќ.

Пред присутните се обрати и претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, која на своите сограѓани Срби им го честиташе празникот и истакна дека ѝ претставува чест што се обраќа на овој значаен датум.

„Српскиот и македонскиот народ отсекогаш имале силни врски. Во Куманово тие врски се испреплетени и тоа се чувствува, дури и во нашиот темперамент. Во градот има место за сите националности. Српскиот јазик е присутен во основното и средното образование, а во Советот на Општина Куманово се зборува и на српски јазик“, рече Ѓорѓиевска.

Светосавската беседа ја одржа истиричарот и публицист Александар Саша – Адамовиќ.

Во културно-уметничката програма настапија акерие Бранислав Лечиќ, Марко Трајковиќ, Вера Столиќ, оперската пејачка Жељка Здјелар, уметничкиот ансамбл „Станислав Бинички“ и КУД „Српски вез“ од Куманово.

На свечената академија присуствуваа претставници од владите на Македонија и Србија, и голем број на граѓани.

Свети Сава (1174–1236) е еден од најзначајните српски светители, просветители и државници, и се смета за основоположник на Српската православна црква. Роден е како Растко Немањиќ, најмладиот син на српскиот владетел Стефан Немања. Се откажал од световниот живот и заминал на Света Гора, каде што станал монах и го добил името Сава. Во 1219 година ја изборил автокефалноста (самостојноста) на Српската православна црква и станал нејзин прв архиепископ. Работел на уредување на црквата, образованието и законите, и се смета за прв српски просветител и законодавец.

 Свeети Сава е национален празник на Србите во Македонија.