×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Откриена црква од 5 век на локалитетот Градиште – Бислим

    07.12.2021 15:29 | KumanovoNews

    Црква, која според првичните показатели е градена во 5 век и егзистирала во раниот среден век, е откриена на локалитетот Градиште – Бислим, во село Пчиња, потврдуваат наодите на Археолошкото одделение на НУ Музеј Куманово по завршување на овогодинешното истражување.

    Откриена црква од 5 век на локалитетот Градиште – Бислим

    Со ова се потврдени претпоставките од минатогодишните ископувања дека на истражуваната локација постои црковна градба, но и дека тврдината во Бислим не била самопривремено воено утврдување, туку поголема населба што постоела подолг период.

    „Во текот на овогодинешните ископувањата се откри олтарниот дел на црквата. Подот на оваа црква се наоѓа на околу 1,5 м под денешната површина, направен е од квалитетно изработена тула, која е поставена на малтерна или глинена подлога. Според досегашните показатели, се работи за градба долга околу 20 метри и широка скоро 9 метри“, велат од Археолошкото одделение.

    Првичните показатели се дека црквата била градена во петиот век и дека егзистирала и во раниот среден век, што секако треба да се потврди со идните истражувања.

    „Она што е интересно, се откриените фази на градење и доградување на црквата.Според поставеноста на фрагментарно сочуваната фреско декорација, видливи се две фази на градење (доградување) на самата црква, во кои подното ниво се издигнало на скоро 2 метри во висина. Ова говори за интензивна градителска дејност, но и за подолг временски период на користење на црквата“, велат кумановските археолози.

    Црквата е поставена на самиот источен крај од тврдината, во непосреден контакт со бастионот на утврдувањето, што има симболично значење – жителите на населбата сакале да ја заштитат тврдината од нападите, преку директно инволвирање на Божјата моќ во заштитата.

    Со ископувањето, освен претходно познатата правоаголна и петоаголна кула, откриено е и постоење на кружен бастион во челото на тврдината, односно на нејзиниот најистурен дел.

    Многу значајно е што овие ископувањата покажуваат дека тврдината во Бислим воопшто не била краткотрајно воено утврдување, туку се работи за поголема населба во и надвор од тврдината, која егзистирала подолг временски период.

    „Со оглед на тоа што северно од Градиште - Бислим постои уште едно помало утврдување од истиот период, јасно е дека по течението на Пчиња, дури и во навидум непристапната клисура, минувал значаен антички пат преку кој од северните делови на Балканот најбргу се пристигало на т.н Виа Аксиа, односно на Вардарскиот пат, а понатаму и кон богатите антички центри на југ“, потврдуваат експертите.

    Ископувањата се вршени под раководство на Дејан Ѓорѓиевски, а се целосно финансирани од Министерството за култура.

     

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk