Отворен ден со Царинската управа на плоштадот во Куманово
На Градскиот плоштад во Куманово, утре од 10 до 13 часот ќе се одржи Отворен ден со Царинската управа.
Целта е да се приближи работата на Царинската управа до граѓаните и да се подигне свеста за улогата што ја има во заштитата на економијата и безбедноста на државата.
Посетителите, во рамки на програмата, ќе имаат можност одблизу да се запознаат со различните задачи што ги извршуваат мобилните царински тимови, како и со опремата што ја користат во секојдневната работа. Програмата опфаќа демонстрација на вештините на царинските кучиња, како и презентација на специјализирана опрема, вклучително и скенер за товарни возила, кој се користи за откривање стоки предмет на криумчарење.
„За мене е важно царината да ја приближиме до помладите – оние кои се нашата иднина – да ја видат одблизу и да се запознаат со дел од нашата работа и луѓето што секојдневно ја штитат државата. Ќе имате можност да ги видите нашите мобилни тимови, царинските кучиња и опремата што ја користиме. Ве очекувам да се запознаеме, да разговараме и заеднички да ја градиме довербата“, порача директорот Бобан Николовски.
Настанот се организира по повод 14 април – Денот на Царинската управа на Македонија. Промоцијата започнува од Куманово, а ќе се одржи и во повеќе градови низ државата.