Почина д-р Јордан Пачков, лекар, публицист и поранешен пратеник од Куманово
На 77 - годишна возраст почина д-р Јордан Пачков, специјалист по физикална медицина и рехабилитација, акупунктуролог, публицист и поранешен пратеник од Куманово.
Роден е на 11 јули 1949 година во Куманово. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, а специјализирал физикална медицина и рехабилитација. Дополнително се усовршувал во областа на акупунктурата и традиционалната кинеска медицина во Белград и Пекинг.
Во својата професионална кариера работел како специјалист физијатар и началник на Одделението за физикална медицина и рехабилитација во Општата болница во Куманово. Бил претседател на Здружението на физијатрите на Македонија и е еден од пионерите на акупунктурата во земјава.
Пачков бил активен и во политиката како советник во Советот на Општина Куманово и пратеник во Собранието на Република Македонија. Покрај медицината, се занимавал и со новинарство, публицистика, рецензии и организација на културни и спортски настани. Автор е на повеќе книги и монографии поврзани со Куманово, спортот и здравиот живот.