Почна реконструкцијата на улицата „425“ – стариот пат за Тромеѓа
Во тек е реконструкција на улицата „425“ во населбата „Иго Тричковиќ“, позната како стар пат кон Тромеѓа во должина од 1.540 метри.
„Предвидена е целосна реконструкција на трасата. Во тек се градежни активности за машински ископ на стариот слој асфалт, по што ќе следува поставување дренажен канал, бетонски рабници, тротоари и асфалтирање на целата траса“, информираше градоначалникот Максим Димитриевски.
Патот ги поврзува населбите Пуковско и Тромеѓа. Градежните работи ги изведува фирмата КООП Инжинеринг од Куманово.
Поради реконструкцијата на патот, автобускиот превоз на линијата 8 на релација Бедиње – Тромеѓа привремено ќе сообраќа до автобуското стојалиште кај бензинската пумпа „Роси Петрол“, на регионалниот пат кон Свети Николе.
Средствата се обезбедени од Владата преку вториот јавен повик за поддршка на инфраструктурни проекти.
Општина Куманово на вториот повик од унгарскиот кредит доби вкупно 815 милиони денари за реализација на 26 инфраструктурни и развојни проекти.