Поетска вечер по повод 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ во Занаетчискиот дом во Куманово
Поетската вечер „85 години од издавањето на Бели Мугри од Кочо Рацин“ ќе се одржи во вечерва /понеделник/ со почеток во 18 часот во Занаетчискиот дом во Куманово.

Организатор е Владимир Христов од Куманово, а ќе настапат десетина млади поети од Куманово, Скопје, Вевчани и Ресен, кои покрај нивните лични творби ќе прочитаат и песните од познатата стихозбирка на Рацин.
На 25 ноември во 1939 година е издадена стихозбирката во Самобор, Хрватска.
„Настанот е закажан токму на датумот на издавањето и на јубилејот 85 години од излегувањето на „Бели мугри“. Го организирам на сопствена иницијатива, финасиски самостојно, а зад мене застана Ленка- Движење за социјална правда. Немам ниту поддршка, ниту финасиска помош од општината или од државните институции“, истакна Христов.
„Бели Мугри" е меѓу првите стихозбирки објавени на македонски јазик, составена е од 12 песни, од кои 2 се циклуси (со по 6 и 7 песни). Песните се социјални, алудирајќи на отуѓеноста, експлоатацијата и страданијата на работникот. Од друга страна, самиот наслов укажува на борбеноста и револуционерноста на Рацин кој низ мачнината на стиховите вдахнува надеж за посветли утра. Оваа збирка, како начело и парадигма, ја претставува македонската суштина, историја и култура.
Влезот е слободен за сите заинтересирани.