Мени

„Порака наша“ одбележува 20 години, ќе се залага за отворање центар за независно живеење на лицата со попреченост

02.11.2026 14:38 | Сузана Николиќ

Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака наша“ денеска организираше трибина на тема „Животот со попреченост – предизвици, поддршка и инклузија“, која се одржа во Занаетчискиот дом во Куманово.

„Порака наша“ одбележува 20 години, ќе се залага за отворање центар за независно живеење на лицата со попреченост

Целта на трибината беше да се отворат прашањата за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост, достапноста на социјалните услуги, институционалната поддршка и можностите за поголема инклузија во заедницата.

Настанот е дел од активностите со кои се одбележува 20-годишниот јубилеј на здружението „Порака наша“, посветено на поддршката, вклучувањето и унапредувањето на квалитетот на животот на лицата со попреченост.

„Дваесет години постоење за „Порака наша“ се големо достигнување. Во моментот имаме 20 корисници, а нашиот капацитет е 24, и слободните места планираме да ги пополниме во текот на наредната година. Сведоци сте на големата поддршка што ја добиваме од институциите и организациите и се надеваме дека таа ќе продолжи и во иднина, преку реализација на големи проекти. Од 2023 година „Порака наша“ е лиценциран давател на социјални услуги, односно Центар за рехабилитација и интеграција на лица со интелектуална попреченост над 18 години. Со тоа се стекнавме со право да отвориме центар за независно живеење на лицата со попреченост во Куманово, со цел да ја обезбедиме и таа услуга. Планираме да аплицираме на проекти за да ја оствариме нашата желба и да им понудиме нова можност на нашите корисници“, изјави Јелена Стаменковиќ, психолог во „Порака наша“.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кој беше еден од панелистите на трибината, најави дека Министерството ќе даде поддршка за отворање мали групни домови за живеење на лица со попреченост над 18 години. Тој информираше дека веќе е побарано од општините да обезбедат простории што не ги користат за други намени.

„Очекуваме наскоро да добиеме конкретни предлози, кои потоа ќе бидат реконструирани и опремени, а потоа ставени во функција за ваква намена. Сите приватни даватели на социјални услуги кои имаат таква можност и се подготвени да ја дадат својата поддршка, ќе ја добијат нашата максимална поддршка, за овие корисници да имаат 24-часовна грижа и место за живеење кога нивните старатели или родители повеќе нема да можат да се грижат за нив“, изјави министерот Велковски.

На трибината се дискутираше и за правата, можностите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства, развојот, достапноста и квалитетот на социјалните услуги, независното живеење и поддршката во заедницата.

Посебно внимание беше посветено на улогата на државните институции, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, како и на потребата од намалување на стигмата, предрасудите и социјалната исклученост на лицата со попреченост.