Поранешните директори на „Чистота“ денес се високи функционери на ЗНАМ, велат од СДСМ
Периодот за кој денес се обидуваат да ја префрлат одговорноста, со претпријатието раководеа кадри кои денес се дел од ЗНАМ и се наградени со високи државни функции, одговорија од СДСМ, на обвинувањата од ЈП „Чистота и зеленило“ дека немаат кредибилитет да зборуваат за состојбите во претпријатието, бидејќи нивните политики го довеле дотука.
„Максим Димитриевски е градоначалник речиси девет години, а во тој период на директорската позиција во ЈП „Чистота и зеленило“ се сменија четворица директори. Денес меѓу нив имаме пратеник во Собранието на Македонија и државен секретар во МВР. Оттука, се поставува логичното прашање: ако состојбите во претпријатието биле толку лоши како што денес се тврди, зошто токму тие луѓе беа унапредени и наградени со високи државни функции? Според оваа логика, секој неуспешен директор во ЈП „Чистота и зеленило“ на крај добива политичка награда“, стои во пртиското соопштение.
Во него се додава дека наместо политички конструкции и обиди за избегнување на одговорноста, потребно е да се одговори на прашањата што навистина ги засегаат граѓаните – нередовното собирање на комуналниот отпад, недостигот на механизација и возила и ризиците по јавното здравје кои произлегуваат од ваквата состојба.
„Дополнително, неточно е тврдењето дека цените на услугите не биле коригирани со децении. Сметките за изнесување на смет беа зголемени пред само неколку години. Затоа оправдано прашуваме дали со ова соопштение се подготвува терен за ново покачување на цените од страна на коалицијата ЗНАМ–ДПМНЕ–ДПСМ–ВЛЕН и нов удар врз буџетот на граѓаните“, велат од СДСМ.