Постапката за ДУП-от за „Лидл“ е законска и транспарентна, одговори Општина Куманово на обвинувањата на СДСМ
Општина Куманово ги отфрла обвинувањата на СДСМ дека околностите поврзани со продажбата на земјиштето на компанијата „Лидл“ се сомнителни и институциите треба да ги испитаат пред Деталниот урбанистички план да се најде пред советниците.
Од Општината тврдат дека постапките за измена и дополна на ДУП-от биле спроведени законски и транспарентно, а граѓаните имале увид во нив.
Во реакцијата од Општина Куманово појаснуваат дека на седницата на Советот на Општина Куманово, која ќе се одржи во петок, на дневен ред ќе се најдат две точки од областа на урбанизмот, за кои подносител на иницијативите е компанијата „Лидл“.
Првата е Предлог – Одлука за донесување на Измена и дополна на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Тоде Мендол“, дел од УБ 63, плански опфат помеѓу: ул.„1”, ул.„ЈНА“, ул.„2“, кп16793, ул.„3“ кп16369/2 – Општина Куманово; и Предлог – Одлука за утврдување на Нацрт – Детален урбанистички план за дел од УЕ „11-ти Октомври“, дел од УБ 39, плански опфат помеѓу: ул.„Доне Божинов”, ул.„Октомвриска Револуција“ ул.„Братство Единство“, Општина Куманово.
„За двете постапки согласно закон подносител на иницијативата е компанијата „Лидл“. Целосната постапка е спроведена транспарентно, согласно закон и подзаконските акти и сите документи од спроведената постапка се достапни во информативниот систем е-урбанизам, до кои пристап имаат сите заинтересирани граѓани. За точката Измена и дополна на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Тоде Мендол“, дел од УБ 63, плански опфат помеѓу: ул.„1”, ул.„ЈНА“, ул.„2“, кп16793, ул.„3“ кп16369/2 – Општина Куманово, што ќе се најде на седница на Советот на Општина Куманово веќе постои важечки детален урбанистички план усвоен од Советот во 2010 година. Општина Куманово нема да коментира политички изјави, туку ќе продолжи да инвестира во развој на Општината“, стои во писмената реакција од Општината.