Кумановец паднал во полуподземен контејнер, го ваделе пожарникари
Кумановец утринава паднал во полуподземен контејнер на ул. "Октомвриска револуција", по што интервенирала Противпожарната служба во Куманово да го извади.

Човекот не е повреден, сам се искачил по противпожарните скали кои му ги спуштиле за да излезе. Во добра физичка состојба си заминал дома.
„Ова е прва таква интервенција да вадиме човек од полуподземен контејнер. Се работи за собирач на пластични шишиња и лименки, како се случило да падне не знам. Наместивме скали и самиот се искачи, немаше потреба ние да го вадиме. Целата интервенција не траеше повеќе од 20 минути“, кажа пожарникарот Даниел Илиевски, кој учествувал во акцијата.
Откако човекот паднал во контејнерот и видел дека не може да излезе, почнал да вика за да привлече внимание кај случајните минувачи. Го пронашла жена која дошла да фрла ѓубре и ги повикала пожарникарите. Во меѓувреме останале со него до пристигање на екипата.
Полуподземните контејнери имаат висина од најмалку 1,8 метри и зафатнина од 5,5 м3, но собирачите на пластика постојано го вадат сметот и го расфрлуваат околу контејнерите, на што се жалат жителите и надлежните од ЈП „Чистота“.