Прекината блокадата на „Краста“, почнува изнесувањето на ѓубрето од Куманово
Жителите на селата Студена Бара и Пчиња утринава ја прекинаа блокадата на депонијата „Краста“, откако пожарот беше изгаснат, а сметот затрупан со земја.
Санирањето на депонијата ќе продолжи и во наредниот период, со цел Општина Куманово и ЈП „Чистота и Зеленило“ да спречат повторување на состојбата со пожарите. Жителите синоќа се сретнале со Кризниот штаб, при што биле договорени натамошните активности.
„Ја прекинавме блокадата во договор со жителите. Ја постигнавме целта, пожарот и тлеењето на сметот се изгаснати со помош на приватните компании. Остануваме на исполнувањето и на другите наши барања, односно сметот да се депонира на начин што нема да дозволи повторување на состојбата од последните шест месеци. Тоа во практика значи ред ѓубре, ред земја, за да не дојде до нови палења“, изјави Александар Илиевски, претседател на Месната заедница Пчиња.
Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашo Томиќ, изјави дека екипите веќе се мобилизираат за да почнат со изнесување на сметот на „Краста“.
„Околу 10:30 часот почнавме со изнесување на сметот. Имаме големи количества отпад, особено во поширокото градско подрачје. Ќе работиме и во текот на ноќта за да го изнесеме. Ќе одиме по приоритетни зони и се надевам дека набрзо ќе се нормализира состојбата“, изјави Томиќ.
Тој ги повика граѓаните да имаат разбирање и порача дека ќе се исчисти насобраниот смет од сите делови на градот, населбите и селата.
Блокадата на „Краста“ траеше шест дена, жителите бараа надлежните локални и државни институции да го решат долгогодишниот проблем со загадувањето на животната средина, поради големите пожари во последните 6 месеци.
Два дена ѓубрето се носеше на скопската депонија „Дрисла“, при што помогнаа и камиони на јавните претпријатија на Скопје и Кавадарци.
Oткако жителите не попуштија под притисокот да се тргнат од блокадата додека не се санира депонијата, вчера во голема акција на тешка механизација и камиони од приватни фирми, ѓубрето беше затрупано со земја, а пожарот целосно изгаснат.