Мени

Приносот на мед е најмал во последните 20 години, климатските промени го уништуваат пчеларството во Кумановско

01.10.2026 16:38 | Сузана Николиќ

Климатските промени енормно ги намалија приносите на мед во Кумановскиот Регион, а го уништуваат и квалитетот на пчелната заедница. 

Приносот на мед е најмал во последните 20 години, климатските промени го уништуваат пчеларството во Кумановско

Пчеларите се жалат дека оваа година била најлоша во последните 20 години, поради што и количините на мед се на најниско можно ниво. Ако обично од едно пчелно семејство добивале од 10 до 15 килограми мед, сега просекот е до еден килограм, што значи до една тегла, а некои не добиле ни толку.

„Климатските промени го направија своето, го земаат данокот во пчеларството. Во мај имавме ниски температури и измрзна цветот, а потоа зафатија високи температури без дожд. Сушата ја намали вегетацијата и немаше паша за пчелите цело лето. Поради малите количини, оваа година ќе ја покриваме со залихите со мед од лани“, вели Бобан Стошевски, претседател на Здружението на пчелари „Пчела“ во Куманово.

Тој додава дека тоа ќе се одрази на целата гранка. Оваа зима пчелите ќе влезат како малубројни заедници, а напролет ќе излезат како слаби пчелни семејства, па последиците ќе ги чувствуваат и наредната година.

Во Куманово денеска беше отворена традиционалната манифестација „Денови на мед“, која се одржува по 26. пат и ќе трае три дена на Градскиот плоштад во Куманово. Мотото на манифестацијата е „Купувајте локален мед“, а учествуваат 28 одгледувачи на пчели од Скопје, Радовиш, Крива Паланка, Кратово и Штип.