Канализациската мрежа не е корпа за отпадоци, за да се фрлаат влажни марамчиња и друго ѓубре, велат од „Водовод“
Да не се фрлаат влажни марамчиња, памперси, пластика, текстил и друг несоодветен отпад во канализационата мрежа, бидејќи предизвикуваат проблеми во функционирањето на целиот фекален систем, апелираат до граѓаните од ЈП „Водовод“.
Проблемот е што овие материјали не се разградуваат и создаваат големи затнувања кои предизвикуваат сериозни хаварии во системот.
„Нашите екипи и јавното претпријатие се постојано на терен. Дури и на полноќ, со часови напорно работиме со сите расположливи средства и механизација за решавање на проблемите. Затоа ги повикуваме граѓаните да го почитуваат трудот на работниците кои деноноќно се грижат системот да функционира беспрекорно, а со тоа да ја чуваме заедничката инфраструктура“, велат од претпријатието.
Тие додаваат дека канализациската мрежа не е канта за отпадоци, и граѓаните треба да имаат поголема еколошка свест во однос на овие навики.

Доколку дојде до затнување на мрежата, под притисокот на водата доаѓа до пукање на цевките, или пак до враќање на фекалиите во домовите на граѓаните.
Влажните марамчиња и другите хигиенски средства, кои имаат масовна употреба во секојдневето на сите нас, се главните причинители за ваквата состојба.
Кумановоњуз и порано пишуваше дека остатоци од средства за хигиена, текстил и храна, кои неправилно се депонираат, создаваат проблеми прво во канализационата мрежа, а потоа и на Пречистителната станица за отпадни води во Куманово.
Вработените кажуваа дека секој ден собираат купишта отпадоци, кои граѓаните ги фрлаат во веце-шолјите и шахтите. Преку градската канализација, ѓубрето стига во станицата и прави проблеми на опремата и во технолошкиот процес.
„Еколошката свеста на дел од граѓаните на Куманово е на многу ниско ниво, бидејќи во канализацијата фрлаат текстилни отпадоци, крпи, влажни марамчиња, влошки, четки за заби, пасти, жилети и се што може да помине низ каналот на веце-шолјата. Некои граѓани како да немаат канти за ѓубре. Голем дел од она што останува во мијалникот во кујната пуштаат да го однесе водата или го фрлаат во отворени шахти. Нема што не наоѓаме“, се жалеа тогаш вработените од Пречистителната станица.
